Концерт на францускиот пијанист Давид Фре во Филхармонија
Критиката за Давид Фре пишува дека е „совршен пример за музичар кој размислува“. Францускиот пијанист е познат и по инспиративните изведби на музиката на Бах и Булез.

„Златните раце на Фре“ е насловен концертот на оркестарот на Филхармонија кој ќе се одржи в четврток во 20 часот. Како солист ќе настапи исклучителниот француски пијанист Давид Фре, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Фредерик Шопен и Втората симфонија од Роберт Шуман.
Критиката за Давид Фре пишува дека е „совршен пример за музичар кој размислува“. Францускиот пијанист е познат и по инспиративните изведби на музиката на Бах и Булез. Постојано е активен на светската музичка сцена како солист, рецитален и камерен пијанист. Соработувал со водечки светски оркестри и диригенти како Марин Oлсоп, Семјуел Бучков, Андреј Борејко, Даниел Гати, Пааво Јарви, Рикардо Мути, Еса-Пека Салонен.
Настапувал со водечките оркестри во светот како „Концертгебау“, Баварскиот радио оркестар, Лондонската филхармонија, „Моцартеум“, со оркестарот на „Скала“, Бостонската, Њујоршката филхармонија со Филхармонијата на Лос Анџелес... Настапува и рецитално на концертни сцени како Карнеги хол, Линколн центар, Вигмор хол.
