Владата со препораки за превенција и заштита од коронавирусот

25.02.2020 14:39

Да се ограничи влезот на патници од Италија, да се одложат екскурзиите и патувањата во ризични земји, да се набават средства за дезинфекција во училиштата и градинките. Владата со одлуки и препораки за заштита од коронавирусот...

Владата донесе одлука да го ограничи влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку Скопскиот и Охридскиот аеродром и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.

Задолжени се основните и средните училишта и универзитетите да ги одложат предвидените патувања и екскурзии во Италија. На граѓаните им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на коронавирусот.

Министерството за здравство треба да формира постојан центар за информирање на јавноста, што ќе ги прибира сите релевантни информации, за навремено, точно и најсоодветно информирање за превенција и заштита на населението од ширење на коронавирусот.

Владата со препорака и до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките. Владата му наложи на Министерството за здравство да набави хигиенски средтсва во училиштата, градинките и јавните тоалети.

Министерот за здравство Филипче со апел до граѓаните кои доаѓаат во земјава од критичните региони, доколку почувствуваат симптоми да не одат сами во здравствените установи, туку да се јават на телефоните во Институтот за јавно здравје. Според филипче, здравствениот систем е подготвен да се справи со предизвикот од коронавирусот.

Здравствените власти го подигнаа нивото за заштита и превенција од коронавирусот, особено по неговото ширење во Северна Италија каде престојуваат повеќе од 23 илјади македонски државјани.