Почна судењето за организаторите на собраниските настани од 27-ми април
Почна судскиот процес за 27-ми април. Сите четворица обвинети се изјаснија за невини. Дел од нив со став дека се работи за класичен политички прогон. Обвинителката Русковска рече- ќе докажам дека изготвиле план за да го загрозат уставниот поредок и безбедноста...
Знаеме кој ги отвори вратите на Собранието, но знаеме и кој им рече да го направат тоа. Тоа се овие обвинети овде, како и нивниот лидер Никола Груевски кој толку сакаше да се соочува со граѓаните на избори, а кукавички избега од правдата и од граѓаните, рече во воведниот збор обвинителката Русковска. Ќе чуете од Спиро Ристовски и од Миле Јанакиески дека се наоѓале во штабот на нивната партија, но доказите говорат дека се јавувале по членството и организирале превоз за помасовно присуство критичниот ден. Вељановски ќе тврди дека не знаел за влегувањето на протестантите, а Владимир Атанасовски дека бил на ракометен натпревар и од медиумите разбрал што се случува во Парламентот. Но, не е така, рече обвинителката Русковска.
„За да се добие комплетна слика за овој настан треба да замислите мозаик секој од сега присутните обвинети претставува една коцка. Доколку фали една коцка, мозаикот е непотполн и токму нивните поврзани и усогласени дејствија го претставуваат тој мозаик“, изјави обвинителката Русковска.
Трајко Вељаноски, претседавач и втор човек во државата му даде преку ред збор и не го спречи пратеникот Зекирија Ибраими да ја испее албанската химна во пленарната сала што беше иницијална каписла за насилното влегување во Собранието, додаде Русковска. Што направи Вељаноски да го спречи хаосот? Ништо. Место тоа, на шефот на личното обезбедување Горан Ѓошевски и на осудениот Никола Митревски – Кољо, им помогна да стигнат до Салата број 3, кај што беа заробени пратениците од тогашната опозиција. Сега осудениот Оливер Радулов, негово лично обезбедување и Сашо Марковски од УБК ги испратил во Собрание да ги одземат хард дисковите од надзорните камери, за да ги уништат како доказ за она што се случуваше во Собранието, додаде Русковска. Одбраната имаше свој коментар на овие тврдења.
„Во конкретниот случај и од воведниот говор на самото обвинителство, не можевме да видиме посочување на ниту еден доказ. Не постои порака или организирање од Спиро и Миле на било кого. Не постои организиран превоз за тој ден, ниту доказ за такво нешто, а не може постапувањето по деловникот на Трајко Вељаноски да биде карактеризирано како тероризам“, рече адвокатот Еленко Миланов.
Сите обвинети се изјаснија за невини, за некои од нив судењето било класичен политички прогон. Обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот, пак, рече дека ќе докаже оти обвинетите изготвиле план за да го загрозат уставниот поредок и безбедноста и да спречат мирно предавање на власта.
Фиљана Кока
