УЈП

Скопјанка најбогата во 2018-та, најмладиот милионер е двегодишно дете

26.02.2020 14:36

Две годишно дете е најмлад македонски милионер. Парите ги остварил по основ на дивиденда. Од УЈП објавија, скопјанка е на врвот на листата со највисоки годишни приходи, има 17 милиони евра бруто приход во 2018-та...

Скопјанка со 17,1 милион евра е на врвот на листата Македонци со највисоки годишни приходи. Управата за јавни приходи ги соопшти податоците, кои се однесуваат на 2018-та година, кога е остварен најголемиот износ на капитална добивка во последнава декада. Највисока бруто плата е исплатена во секторот здравство, надминува 183 милиони денари. Највозрасниот милионер има 99 години, а најмалиот само две. Детето остварило доход од дивиденда.

„Највисоката годишна бруто плата во 2018-та година е исплатена во секторот здравство во износ од 183.806.532 денари, а на листата на највисоки рангирани бруто плати се платите исплатени во секторот трговија со тутун и тутунски производи, компјутерско програмирање, производство на метални производи, аптеки и изградба на станбени и нестанбени објекти. Во 2018-та година остварен највисокиот износ на капитална добивка во поседните 10 години од страна на лице во Скопје во износ од 841.164 илјади денари бруто приход. Лице родено во 2018-та година остварило доход од дивиденда над еден милион денари, а во групата над 10 милиони денари најмладото лице има 21 година“, информира директорката на УЈП, Лукаревска.

Скопјани доминираат на листата на највисоки приходи од самостојно вршење на дејност, а во топ 10 се наоѓаат адвокати, нотари, извршители и угостители. Во југоисточниот регион најисплатливо било земјоделието. И највисоката добивка од лото е исплатена на жител на Скопје, во износ од над 53 милиони денари.

 

Марија Котовска