Здравство

Три нови сомнителни случаи на Коронавирус, двајца се негативни, за третиот се чекаат резултатите

26.02.2020 14:55

Резултатите од двајцата тестирани патници од Италија на Инфективната клиника се негативни. Се чекаат анализите од третиот сомнителен случај. Здравствените власти уверуваат, засега нема заболени од Коронавирус во државава. Попладне слетува нов авион од Италија. Подигнато нивото за превенција и заштита- велат надлежните. Има доволно капацитети и персонал во изолациските центри, велат од Министерството за здравство...

Негативни се резултатите на Коронавирус и кај другите другите двајца пациенти. Имале симптоми, патувале во Италија, па сами се пријавиле да се тестираат на Инфективната клиника- потврдуваат здравствените власти. Се чекаат резултатите за уште еден пациент. Според министерот за здравство Филипче, во земјава има доволно тестови за утврдување на Коронавирусот. Почната е постапка за набавка на дезинфекциски средства што беше еден од заклучоците на владината седница.

Во попладневните часови на Скопскиот аеродром ќе пристигне лет од Италија, засега нема решено дали сите патници ќе бидат ставени во изолација, мерка која ја применуваат во други земји како превенција од Коронавирусот.

Сомнителните случаи кои евентуално би се појавиле во земјава, би биле изолирани во Штипската клиничка болница. Надлежните тврдат дека има доволно капацитети и персонал за да послужи како изолациски центар. На Инфективното одделение работат тројца доктори- специјалисти, 11 медицински сестри, а има 35 кревети и две карантински места.

Засега нема препорака за одложување на јавни манифестации кои се најавени за викендов. Но, доколку се појави случај на заразен од Ковид- 19 и ќе има соодветни мерки, најавуваат надлежните.

Во земјава не е регистриран случај на коронавирус. На инфективната клиника беа тестирани неколкумина пациенти кои патувале во дубаи и италија, но тестовите покажале дека се негативни на коронавирусот.

 

Наташа Гркова- Петрушевска