Евроинтеграции

Димитров: Добивме потврда за сработеното и ветер во грб за заслуженото

26.02.2020 14:59

Поддршка од Чешка за почеток на преговори на државава со Европската унија во март. Во Прага шефот на дипломатијата Димитров на средба со неговиот чешки колега Петричек. Поради одложувањето на преговорите минатата година, поддршката на граѓаните за членство во Унијата паднала на 65 проценти, а расте и евроскептицизмот во земјава...

Поддршка од Чешка за почеток на преговори. „Добивме потврда за сработеното и ветер во грб за заслуженото што ќе не донесе до целта отворање на пристапни преговори со ЕУ“, изјави шефот на дипломатијата Димитров во Прага. Неговиот чешки колега Петричек со оценка дека земјата направила многу реформи и заслужува почеток на преговори.

Поддршката на граѓаните за интеграцијата во ЕУ континуирано опаѓа во последниве 10 години поради тапкањето во место за отворање на преговори, покажува најновото истражување на Институтот за демократија. Расте евроскептицизмот, но и свеста дека реформите што се преземаат не се само за приближување кон Унијата, туку и за подобрувањето на демократските капацитети на земјата.

„Мнозинството верува дека нема да има датум за почеток на преговори во 2020-та. Тоа е последица на негативната одлука на Европскиот совет минатата година. Има голема група на гласачи кои се евроскептици, чиј број се зголемува од лани“, вели Мари Јеленка Кишнер, соработник во Центарот за евроинтеграција при Институтот за демократија.

Актуелниот претседавач со ЕУ, Хрватска се надева дека земјава ќе добие датум за почеток на преговори идниот месец пред Самитот за Западен Балкан во Загреб во мај.

Ирина Гелевска