Оддадена почит на поранешниот претседател Трајковски
Шестнаесет години од трагичната несреќа во која загина поранешниот претседател Борис Трајковски со осуммина од делегацијата и екипажот на владиниот Кингер во близина на Мостар. Положени цвеќиња на неговиот гроб, пред споменикот во Струмица и на критичното место кај Ротимље во Босна и Херцеговина. Традиционално, во негова чест, четиридневен марш од неговиот роден град до вечното почивалиште во Бутел...
Дванаесет планинари од 14 до 74- годиншна возраст, маршираа четири дена. Од село Трибичино, преку Конче и Штип до Скопје. По изодени 200 километри стасаа до вечното почивалиште на загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски во алејата на великаните во Бутел. Положија цвеќиња и оддадоа почит. Оваа година, прв пат донесовме свежи планински качунки за големиот човек и претседател на сите граѓани, рекоа планинарите. И многу делегации се упатија кон гробот на Трајковски.
„Претседателот секогаш ќе го паметиме по неговата визија за успешна Македонија, по неговата клучна улога во процесот на помирување и склучување на Охридскиот Рамковен договор и неговата непосредност и ведрина“ - напиша шефот на државата Пендаровски.
За причините за падот на владиниот „Кингер“ со кој патуваше претседателот Трајковски, беа извршени две истраги и објавени два извештаја. Како причина за падот на авионот се наведуваат пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.
Претседателот со осумчлена делегациа патуваше на меѓународна конференција во Мостар. Оддадена почит и на местото на трагедијата кај Ротимље.
Александра Спировска
