Здравство

Потврден прв случај на Ковид-19 во земјава

26.02.2020 17:10

Прв случај на коронавирус во Македонија. Наша државјанка која еден месец престојувала во Италија изутрината е примена со симптоми на грип, анализите покажале присуство на Ковид- 19...

На Клиниката за инфективни болести во Скопје регистриран е првиот случај на коронавирус во земјава. Станува збор за пациентка родена 1970 година во Скопје, која еден месец престојувала во Италија, а веќе две седмици била болна со симптоми на грип. Била третирана во Италија, но не од коронавирус. Веднаш штом пристигнала во земјава, се јавила во Инфективната клиника. Таа е изолирана во посебно одделение и со неа се постапува според сите протоколи, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Според д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, едно позитивно лице на Ковид-19 сместено во здравствените установи не претставува закана за целото население. Нагласи дека здравствените служби се подготвени во секое време да реагираат. Населението треба да биде мирно, подготвени сме, ништо не не изненадува- нагласи д-р Караџовски.

Сите државни служби се подготвени да реагираат на овие новонастанати околности, сите мерки кои се преземени и се преземаат се врз основа на сите протоколи од Светскта здравствена организација, велат надлежните.

Премиерот Оливер Спасовски апелираше до граѓаните целосно да се придржуваат до препораките на Министерството за здравство. Институциите имаат и стручни кадри и капацитети да се справат со ваквите состојби.

Многу е важна свеста на сите граѓани да биде на високо ниво, да не се однесуваме неодговорно- рече Спасовски.