Италија бара меѓународна поддршка, коронавирусот се шири низ Европа
Италија побара меѓународна поддршка во справување со коронавирусот од кој досега починале 12 лица. Прв заболен е регистриран и во Романија, а Данска потврди коронавирус кај еден пациент. Официјален Берлин потврди 21 заболен од Ковид-19. Саудијска Арабија поради вирусот, времено им забрани на странците да доаѓаат на аџилак на светите места...

Италијанската влада повика на меѓународна поддршка во напорите за спречување на ширењето на новиот коронавирус во државата. До сега починаа 12 луѓе, а заразени се близу 500. Тројца пациенти пак се целосно излекувани, што според италијанските здравствени власти, е важна порака.
Владата на Џузепе Конте потврди дека не е во можност да го открие изворот на двете жаришта на зараза во северните провинции Ломбардија и Венето.
Прв случај на заболен е забележан во Романија. Пациентот бил во директен контакт со италијански државјанин кој допатувал во земјата во почетокот од месецот. И данска го потврди првиот случај на коронавирусот кај маж кој се вратил од скијање во Ломбардија.
Инфицираните лица кои дошле од Италија, ја пренеле болеста во неколку земји во Европа, па дури и во Бразил, која стана првата земја од Јужна Америка каде го има вирусот. Заразени има и во Норвешка, Финска, Грузија и Естонија.
Германските власти соопштија дека земјата, каде што досега има 21 заразен, се наоѓа на почетокот на епидемија.
„Синџирот на инфекција сега веќе не може да се следи и тоа е нов момент. Голем број луѓе имале контакт со пациентите и тоа е голема промена во однос на првите 16 заразени кои имаа поврзаност со Кина“, изјави Јенс Шпан, министер за здравство на Германија.
Според најновите податоци, во Кина вчера починале 29 луѓе, а 433 биле заразени. Кинеските водечки експерти сметаат дека ширењето ќе биде ставено под контрола до крајот на април.
Владата на Саудиска Арабија привремено им забрани на странците да доаѓаат на аџилак во светите места Мека и Медина.
Марина Ристова
