СДСМ и Беса потпишаа договор за предизборна коалиција

27.02.2020 12:53

Според партиски извори, при договарањето за заеднички настап на изборите на СДСМ и на БЕСА целта е да се освојат 61 пратеник, односно Заев да добие чист мандат за премиер.

Падна договор за првата предизборна македонско- албанска коалиција за предвремените парламентарни избори. Предмалку во Музејот на современа уметност го потпишаа лидерите на СДСМ и на БЕСА, Зоран Заев и Билал Касами.

Според партиски извори, при договарањето за заеднички настап на изборите на СДСМ и на БЕСА целта е да се освојат 61 пратеник, односно Заев да добие чист мандат за премиер. Договорено е Билал Касами да биде носител на заедничката пратеничка листа за шестата изборна единица, а според информации од партијата на Касами, Беса ќе има добитни позиции и на листите за „единицата“, „двојката“ и за „петката“.

Договорено е двете партии на изборите да настапат со заедничка програма која ќе понуди реални проекти за граѓаните. Претходно Беса не успеа да се договори за заеднички настап на изборите со Алијансата на албанците и со Алтернатива. Партиите на Зијадин Села и на Африм Гаши пак минатата недела потпишаа договор за предизборна коалиција.