Европската десница избира кандидат за претседател на ЕК
Во Даблин се присутни 2.000 учесници и преку 800 делегати...

Европската народна партија го избира својот кандидат за функцијата претседател на Европската комисија. Европската десница ќе треба да се одлучи меѓу Французинот Мишел Барние и поранешниот премиер на Луксембург, Жан-Клод Јункер. Противкандидат од левицата за челното место на Комисијата ќе биде германскиот европарламентарец Мартин Шулц. Според аналитичарите во Брисел, токму кандидатот на Европската десница е најсериозниот фаворит за наследник на досегашниот претседател Жозе Мануел Баросо.
На настанот во организација на Европската народна партија каде што свое обраќање имаше и премиерот Никола Груевски, се обратија и европските лидери, германската канцеларка Ангела Меркел, Европскиот комесар за внатрешен пазар Мишел Барние и поранешниот премиер на Лукслембур, Жан-Клод Јункер.
На настанот говор одржа и легендата на светската попрок-музика, Боно Вокс од мегапопуларната група „Ју ту“.
Во Даблин се присутни 2.000 учесници и преку 800 делегати. Во делегацијата која ја предводи Груевски се и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протоѓер, Влатко Ѓорчев и Никола Попоски, како делегати кои имаат право на глас на овој конгрес.
