Шилегов: Се одложуваат сите екскурзии на средношкоците во Италија

27.02.2020 13:48

Целта е да се спречи ширење на вирусот Ковид-19. До директорите на училиштата се издадени наредби да се придржуваат до препораките за превенција кои ги даваат надлежните институции.

Сите екскурзии на средношколците од Скопје за Италија се одложуваат на неопределено време - соопшти градоначалникот Шилегов. Целта е да се спречи ширење на вирусот Ковид-19. До директорите на училиштата се издадени наредби да се придржуваат до препораките за превенција кои ги даваат надлежните институции.

„Во 23 средни училишта на Град Скопје учат околу 21.600 ученици и заштитата на нивното здравје претставува сериозна обврска и одговорност за нас како надлежна институција и за директорите кои раководат со училиштата. Согласно со задолженијата добиени од Владата на Република Северна Македонија, сите училишта своите планирани патувања и екскурзии во Република Италија ќе ги откажат или одложат на неопределено време. До крајот на оваа недела ќе биде одржан и едукативен час за превенција од вирусот согласно со препораките на Светската здравствена организација и Владата“, изјави градоначалникот Шилегов.

Тој нагласи дека денеска до директорите на средните училишта издал наредба раководните органи во училиштата внимателно да ги следат и целосно да се придржуваат на препораките за превенција и справување со коронавирусот кои ги даваат надлежните институции.