Османи: Како непосреден сосед, Австрија е најголемиот лобист за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ

28.02.2020 12:51

Вицепремиерот Османи во Виена на средба со министерката за Европа, Едштадлер...

Само стабилен, безбеден и просперитетен Балкан е силен гарант за стабилна, сигурна и попросперитетна Европа- истакнал вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешната саредба со австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер.

„Западниот Балкан се наоѓа во срцето на Европа, опкружен со земји – членки на ЕУ. Еден обичен поглед на мапата покажува дека не се работи за проширување, туку за заокружување, финализација на еден процес на обединување на континентот“, нагласи Османи упатувајќи благодарност до Австрија за континуираната поддршка која ѝ ја обезбедува на Република Северна Македонија, како и на целиот регион.

Новата методологија на преговори предвидува засилен мониторинг и можност за реверзибилност, кој ќе го засили принципот на заслуги при преговорите, што нам, како солиден студент, кој ги исполнува реформските обврски, ни одговара. Тоа значи засилени европски интеграции кои носат бенефити за земјите кои напредуваат, и за нивните граѓани, уште при самиот процес на преговори, смета вицепремиерот Османи.

Како што соопштуваат од СЕП, на средбата Османи реферираше и за последните актуелности во земјава, како што е подготвеноста на државата за спроведување на фер, слободни и компетитивни избори, како и за успехот во донесувањето на потребните реформски закони, меѓу кои и законот за јавно обвинителство.

Претходно Османи имаше средба, во Долниот дом на парламентот, со пратениците - претставници на Комисијата за европски прашања, предводени од Претседавачот Рајнхолд Лопатка, а во неговата агенда се предвидени и средби и со Барбара Каудел - Јенсен, советничка за надворешна политика на Премиерот Себастијан Курц како и со Петер Лаунски-Тифентал, генерален секретар при Министерство за надворешни работи на Австрија.