Иновации

Студентите го покажаа својот иновативен капацитет

28.02.2020 14:03

Студентите го покажаа својот иновативен капацитет со идеи и решенија кои не можат да се врамат само во една област. Презентираа проекти реализирани во рамки на студентската програма за иновации на Факултетот за електротехника и информациски технологии...

Младите имаат различни изговори за да не одат на психолошко советување или психотерапија, вели студентката Моника Тодевска. Недостиг од пари или време, а најмногу срамот ги парализира да побараат помош кога им е потребна. Тоа беше поттикот што не натера да ја изработиме првата интернет- страница која нуди онлајн - психолошко советување.

Марко Стојковски и неговиот тим создале машина за екстракција на етерични масла што се користат во фармацевската индустрија и како арома- терапија. Со смарт екстракторот не е потребен постојан човечки надзор, вели Стојковски.

Ова се два од седумте иновативни проекти на студентите на ФЕИТ со колеги од други факултети на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ презентирани во рамките на студентска програма организирана првпат во Македонија. Креаторите имаа можност  трудовите да ги види шефот на државата Пендаровски, кој рече дека ова е пионерски потфат на кој треба да се огледаат и другите факултети.

„Недозволиво малку како држава издвојуваме за образованието. Процентот по глава на жител во Европа покажува дека сме на дно. Парите што ги вложувате за младите иноватори се од грантови или од странски инвестиции, но од буџетот пари за младите нема“, изјави претседателот Пендаровски.

Не постои држава која има задоволителен економски раст, а да одвојува толку малку во оваа област, додаде претседателот.

 

Александра Спировска