Енергетика

Исклучените од парно бараат отштета

28.02.2020 14:16

Исклучените од парно бараат оштета од државата. Се повикуваат на пресудата од судот во Стразбур дека им се прекршени правата со тоа што продолжиле да плаќаат фиксен надомесок. Регулаторот тврди – направивме сè што можевме.

По пресудата од Стразбур, исклучените од мрежата за парно греење на кои им беше наметната обврска да плаќаат фиксна сума за топлината што индиректно ја примаат, бараат отштета од државата. Од Здружението „Но Пасаран“ велат - последната одлука претставува потврда дека се ограбени 50 илјади фамилии во Скопје.

„Тоа се илјадници случаи, од кои околу 200-300 се во Стразбур. Ние очекуваме позитивна одлука и за други случаи и граѓаните да бидат обесштетени. Секој граѓанин кој имал негативна пресуда од македонските судови ќе може да бара повторување на судските процеси. Дел од овие граѓаните треба од буџетот на Македонија да бидат обесштетени до 3 илјади евра по човек“, изјави Марјан Ненов, здружение „Но Пасаран“.

Здружението најави протест граѓанскиот суд и Апелација, кои како што велат, останале неми и не ги заштитиле правата на граѓаните, вина гледаат и во Регулаторна. Сепак, Комисија посочува дека според новите правила, исклучените повеќе не плаќаат фиксен надомест, што е нотирано и од судот во Стразбур. 

„За граѓаните кои не сакаа да одат во БЕГ, ние иако немавме капацитет се организиравме добро и примивме оклу 2 илјади барања за ослободување од фиксниот надоместок. РКЕ направи сè што можеше да направи“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Тужба до Стразбур поднесоа сопственици на станови кои се исклучија од мрежата, но продолжија да плаќаат фискен надоместок. Сметаа дека со ова им е нарушено правото на сопственост. Според правилата кои беа донесени лани, исклучените повеќе не плаќаат, освен во случај ако становите се празни, бидејќи тоа влијае на трошоците на другите станари.

Мартин Пушевски