Заев ја презентира економската програма за претстојните избори
Лидерот на СДСМ, Заев ја презентира економската програма за претстојните избори. Од граѓаните побара уште еден 4- годишен мандат, за како што рече, реализација на проектите. Заев вети нови 100 илјади работни места до 2024-та, 600 милиони за развој на бизнисот, невработеност под 8 насто, просечна плата од 36 илјади и минимална плата од 18 илјади денари...
Презентирана економската програма на Социјалдемократите наречена „Економија 20-24“. Лидерот на партијата Зоран Заев посочи дека ќе се стремат кон намалување на невработеноста, зголемување на инвестициите, развој на стопанството и земјоделството. Првиот социјалдемократ најави проекција на нови работни места за 4 години вкупно 100.000, со што невработеноста би се намалила на 8 проценти. Подршка на економијата во вкупна вредност од 600 милиони евра. Минималната плата да порасне на 18.000, а просечната на 36.000 денари проектирале социјалдемократите.
Заев вели целта е намалување на младинската невработеност, оттаму помош на младите од 5.000 до 15.000 евра за бизнис, а најави и нула проценти за персонален данок во ИТ индустријата. Заев вели- останува на граѓаните да ги оценат програмите кои партиите ги нудат.
Заев во ниту еден момент не кажа како планира ветувањата да ги оствари- реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ не нуди концепција за одржлив модел на економски раст, туку голи популистички флоскули. Ништо од ветеното Заев не остварил ниту сега, а новите ветувања на Заев, истресени од ракав, ќе останат само пусти зборови на човекот кој е веќе историја во македонската политика- пишува во соопштението на опозициската ВМРО- ДПМНЕ.
Миле Ристески
