Евроинтеграции

Австрија со поддршка за евроинтеграцијата на земјава

28.02.2020 14:49

Австрија смета дека Северна Македонија направила сѐ за почеток на преговори и дава поддршка за одлука на европските самити на пролет- истакнала австриската министерка за Европа, Едштадлер, на средбата со вицепремиерот Османи во Виена. Земјава ги прифаќа принципите на новата методологија и ги исполни минимум стандардите за почеток на пристапните преговори- оценил вицепремиерот Османи...

Очекуваме вистински напредок во европските интеграции на пролетните самити на ЕУ, преку одлука за почеток на преговорите. Како земја не само што го исполнивме нашиот дел од обврската, туку и многу повеќе, со што на дело ја демонстриравме нашата реформска определеност и силна поддршка за европската агенда на земјата, истакнал вицепремиерот Османи на средбата со австриската министерка за Европа Едштадлер во Виена.

„На претстојниот Самит во март може да се зајакне кредибилитетот на ЕУ со отворање на преговори со Северна Македонија. Ние ја сработивме нашата работа и направивме се што се бараше за да се достигнат минимум стандарди за почеток на пристапните преговори. Тоа ќе биде долг процес со новата методологија на преговори која предвидува засилен мониторинг и можност за реверзибилност, кој ќе го засили принципот на заслуги при преговорите, што нам, како солиден студент, кој ги исполнува реформските обврски, ни одговара. Тоа значи засилени европски интеграции кои носат бенефити за земјите кои напредуваат, и за нивните граѓани, уште при самиот процес на преговори“, изјави вицепремиерот Османи.

Австрија поддржува проширувањето на ЕУ и скорешен почеток на преговори со Северна Македонија, посочила австриската министерка за Европа на средбата со вицепремирот Османи.

„Отсекогаш сме биле пријатели со земјите од Западниот Балкан, особено со Северна Македонија, која е близок партнер и така ќе продолжи и во иднина. Ќе направиме сѐ што можеме да ја поддржиме Северна Македонија на патот кон Европската Унија. Северна Македонија направи многу за да покаже дека е подготвена да го почне процесот за станување членка на ЕУ. Европскиот проект не може да биде комплетен без членство на 6-те земји од Западниот Балкан во ЕУ“, вели австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер.

Австрија на 17-ти март организира конференција за Западен Балкан со која ќе се обиде да ја нагласи важноста ЕУ да почне преговори со земјите кандидатки.

 

Ирина Гелевска