Владата препорачува откажување на сите поголеми јавни собири до 6-ти март
Владата донесе одлука за откажување на сите јавни манифестации до 6-ти март. Прилепскиот и Струмичкиот карневал се веќе откажани. Од изутринава се прават тестови на Ковид-19 на уште еден пациент од Струмица кој се вратил од Италија на 22-ри февруари. Двајца бугарски државјани кои работат во битолска фирма, вчера се пријавиле и кажале дека биле во Италија, и се во домашна изолација...
Од изутринава се прават тестови на коронавирус на уште еден пациент од Струмица кој пред шест дена се вратил од Италија. Немал симптоми кога пристигнал во земјава, но деновиве имал покачена температура и побарал лекарска помош. Во домашна изолација се и двајца бугарски државјани кои работат во битолска фирма, а биле во Италија.
Карневалот во Струмица и во Прилеп нема да се одржи. Викендов ракомет ќе се игра без публика. Владата одлучи да се откажат сите јавни манифестации до шести март. На овој начин ќе се превенира ширење на коронавирусот. Ресорниот министер Филипче уверува дека состојбата со вирусот е под контрола.
Пациентката зарзаена со коронавирус е во стабилна состојба, се наоѓа во изолација и нема знаци на компликации. Без проблеми се одвива и домашната изолација на патниците и на другите кои имале контакти со нив, велат здравствените власти.
Ана Јосифоска- Тодоровска
