„Мал Шенген“ за олеснета трговија
Директорите на царинските управи од Западен Балкан днеска во Охрид разговараа за мерките и активностите што треба да се преземат за да се олесни трговијата во регионот. За таа цел како што беше речено треба да се намалат непотребните бариери. На тој начин ќе се унапреди економската соработка и полесно ќе се справуваат со проблемите, пред сѐ преку прифаќање на идејата за создавање на регионална економска област. Поради корона вирусот значително се намалени пратките од Кина во регионот...
Само со добра меѓусебна соработка и координација царинските управи од земјите на Западен Балкан можат да се справат со предизвиците што произлегуваат од повеќегодишниот план за единствена економска зона во рамките на Берлинскиот процес. Иако во рамките на ЦЕФТА царинските управи имаат добра соработка, со подршка на иницијативата „Мал Шенген“ ќе се олесни трговијата што ќе придонесе за зголемување на конкурентноста на компаниите најпрво на Балканот, а потоа во Европа и светот. Пример за тоа е отворањето на заедничкиот граничен премин помеѓу нашата земја и Србија што придонесе за забрзување на стоката и патниците, а наскоро заеднички граничен премин ќе профункционија и со Албанија кај Ќафасан. За зголемување на протокот на стоки ќе се преземат и други мерки.
„Со поминување на програмата за меѓусебно признавање на програмите на авторизиран економски оператор на ниво на ЦЕФТА земји, секако ќе се добијат и приоритетни ленти со кои што компаниите што ќе го имаат овој сертификат значително ќе имаат олеснети царински процедури и ќе се во можност што побрзо да ги проследат своите стоки до местото на испорака“, изјави Ѓоко Танасоски- директор на Царинската управа.
Појавата на корона вирусот во регионот засега не создава никакви пречки во извршувањето на царинските процедури. Сепак евиденто е намалувањето на пратките кои доаѓаат од Кина.
„Веќе имаме утврдено профил на ризик. Поголемиот број од пратките кои што сега пристигнуваат во Албанија биле нарачани пред да се појави корона вирусот. Нема одлука за стопирање на пратките од Кина, но се чуствува дека компаниите и луѓето не нарачуваат од оваа земја“, вели Ѓон Барди- директор на Царинската управа на Албанија.
На состанокот исто така беше речено дека царинските управи треба да останат посветени на размената на податоци преку електронски инструменти, да воведат заедничко управување со ризици и насекаде каде што има услови да има заеднички гранични контроли.
Сашо Нелоски
