Невремето предизвика штети кај пластеничкото производство
Силниот ветер и невремето направи штети и во земјоделството. Особено настрадаа пластениците долж Повардарието, а врнежите минимално ја ублажија состојбата со сушата. Високите дневни температури дојдоа предвреме со можност да ја разбудат вегетацијата во услови кога сѐ уште постои закана од студени утра и измрзнување, кое ќе направи штети кај овошките.
Сушата и невремето во Скопската котлина беа главна одлика на изминатата седмица, особено силниот ветер кој предизвика штети кај пластеничкото производство.
Врнежите од дожд и снег на планините минимално ја зголемја снежната покривка без гаранција за решавање на проблемот со ниските водостои на реките и полнењето на вештачките акумулации.
Оваа недела променливото време треба да донесе нови врнежи кои поради сушата се повеќе од добредојдени и земјоделците може да ги искористат за прихранување на есенските посеви.
Температурата на воздухот до 20 степени ќе предизвика будење на вегетацијата долж Повардарието и во јужните делови од земјава кај коскестите видови овошки, додека утринските минимални температури ќе се движат во границите на издржливост на овошките во фаза на затворен цвет или почеток на цветање.
Сепак овие процеси се случуваат невообичаено многу рано, бидејќи услови за ниски минимални температури и измрзнување што може да предизвика штети сеуште постојат.
Методија Трајков
