Коронавирус: Нема новозаразени и сомнителни случаи

02.03.2020 09:39

Во земјава нема новозаразени со коронавирус. Надлежните апелираат да се почитуваат препораките за откажување на поголемите јавни собири, спортски настани и културни манифестации. Вирусот се шири во над 60 земји. Зголемен број инфицирани во Италија. Франција го затвори светски познатиот музеј Лувр...

Нема нови сомнителни пациенти кои се тестираат од коронавирусот. Единствената пациентка позитивна на Ковид- 19 е во добра здравстввена состојба. Се лекува во одделот за изолација на Инфективната клиника, и е под постојан надзор на лекарскиот тим.  Патниците кои со неа од Италија се превезуваа во комбито остануваат  во домашна изолација.

Засега во земјава нема нов случај на заболен од коронавирус. Според информациите на здравствените власт ниту во Италија нема македонски државјани кои се под карантин. 

За да се заштити земјава од ширење на коронавирусот ги спроведува препораките на Светската здравствена организација. Надлежните велат нема простор за паника. Апелираат до граѓаните да ги применуваат мерките за хигиена и да избегнуваат контакт со лица кои имаат респираторни симптоми.

„Болните лица кои имаат знаци на респираторно заболување треба да избегнат да го пренесуваат заболувањето понатаму. Треба да останат дома, да не одат на работа, на училиште да не престојуваат во затворени простории каде што има многу луѓе.  Да носат маски, да практикуваат мерки на лична хигиена, да практикуваат мерки на респираторна хигиена. Кога кашлаат, киваат да го прават тоа на тој начин што ќе ја намалат можноста честичките што подолго се одржат во надворешната средина“, вели д-р Гордана Кузмановска – епидемиолог во Институот за јавно здравје.

Владата препорача да се откажат сите јавни манифестации до шести март, за да се превенира ширење на вирусот. Ги задолжи пазарниот инспекторат и Агенцијата за лекови да направат контроли во сите аптеки и доколку утвдат неосновано зголемување на цените на заштитните средства да преземат мерки.

 

Андријана Атанасовска