Бројката на починати од коронавирусот надмина 3.000
Смртни случаи досега имаше во 11 земји, а 90% од вкупниот број се во кинеската провинција Хубеи.

Бројот на починати од коронавирусот на светско ниво надмина 3.000, точно два месеца откако се појави во кинескиот град Вухан. Смртни случаи досега имаше во 11 земји, а 90% од вкупниот број се во кинеската провинција Хубеи.
Втората најпогодена земја е Јужна Кореја со 4.212 заразени, при што починале 22 лица, во Иран има повеќе од 50 смртни случаи, а во Италија 34.
Ковид-19 во изминатите два месеца се прошири во повеќе од 60 земји и зарази речиси 90.000 луѓе. Според Светската здравствена организација, мнозинството пациенти имаат благи симптоми, а стапката на смртност се движи меѓу 2% и 5%.
Колку за споредба, сезонскиот грип има стапка на смртност од 0,1%, но е далеку позаразен, па годишно од него умираат до 400.000 луѓе. Други видови коронавирус како Сарс и Мерс имаа поголема стапка на смртност од Ковид-19.
