Здравство

Нема нови случаи со коронавирус, се испитуваат двајца лекари кои биле во Мадрид

02.03.2020 14:52

Засега нема нови случаи на заразени од коронавирус во земјава. Двајца лекари кои биле на конгрес во Мадрид ќе бидат тестирани и ставени во изолација. Еден од предавачите бил заболен од Ковид- 19, изјави министерот Филипче. Европската комисија формира координативно тело за следење и справување со коронавирусот...

Двајца македонски лекари кои биле на семинар во Мадрид се испитуваат за можно присуство на коронавирусот. Еден од предавачите бил заразен со Ковид- 19. Нашите здравствени работници пристигнале во земјава во саботата навечер. Немале остварено контакти со други лица, освен во семејството. По нивните тестови, ќе бидат во домашна изолација 14 дена.

Патниците кои викендов влегле во земјава преку граничниот премин Табановце и аеродромите во Скопје и во Охрид засега немаат симптоми на корононавирусот, изјавиле дека не биле во контакт со некој заболен.

Ресорниот министер најави дека е во тек набавката на нови дезинфекциски средства. Според Филипче, сѐ уште се вршат контроли во аптеките. Засега не е забележано зголемување на цените на заштитните маски и средствата за заштита.

Во меѓувреме, како и земјава, и Европската унија се мобилизира. Вирусот е потврден во 18 земји на Унијата, Брисел извести за 31 смртен случај во Европа. Филипче нагласи дека е во тек постојана меѓународна комуникација.

Во земјава, досега се земени мостри од 13 лица. Единствената пациентка со коронавирус која се лекува на Инфективната клиника е во добра состојба.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска