Економија

Рано е да се зборува за финансиски штети од коронавирусот, состојбата будно се следи

02.03.2020 15:02

Бизнисот будно ја следи состојбата со коронавирусот, ширењето на зараза во странство засега нема директно негативно влијание. Буџетот е во добра кондиција, има капацитет да се справиме со какви било шокови- уверува министерката Ангеловска. Покрај пазарот на капитал, на удар се туризмот и кожарската индустрија. Од европската комисија предупредуваат- има пад на економските индекси поврзано со последиците од Кина...

Бизнисот будно ја следи состојбата со коронавирусот. Ширењето на заразата во странство засега нема директно негативно влијание. Рано е да се зборува за финансиски штети, велат од Министерството за финансии. Домашната економијата е во добра состојба, буџетот е ликвиден- посочува министерката Ангеловска. Поради сензитивноста на глобалниот пазар на удар се пазарот на капитал, туризмот и кожарската индустрија.

„Буџетот е ликвиден и е во добра кондиција во првите два месеца, и имаме капацитет во секој момент да се справиме со какви било шокови. Не би било сериозно да излеземе веднаш со некакви бројки“, вели министерката за финансии Нина Ангеловска.

И Европската комисија на маса го стави проблемот кој новиот вирус го создаде во европските економии. Еврокомесарот за економија посочи дека краткорочното влијание на вирусот врз кинеската економија ќе биде значајно. Има неверојатен пад на менаџерскиот индексот које е на рекордно ниско ниво од 35,7 проценти од 50, колку што бил во јануари. Џентилоне вели дека во последните денови се зголемуваат последиците и надвор од Кина.

„Јасно е дека краткорочното влијание врз кинеската економија ќе биде значајно, што се гледа во неверојатниот пад на дел од економските индексите. Во последните десет дена се зголемија и последиците надвор од Кина. Најзасегнати сектори се туризмот, автомобилската индустрија, високата мода. Последиците ги сносат и синџирите за набавка и увозниците на материјали од Кина“, изјави Паоло Џентилоне, еврокомесар за економија.

Според еврокомесарот за транспорт, коронавирусот речиси е со најголемо влијание на транспортниот сектор, кое и било очекувано.

„Од почетокот мониторираме, даваме насоки како најдобро да се превенира состојбата од појава на Ковид- 19. Кризата е тука, нема да биде лесно, особено за транспортниот сектор, патниците треба да ги знаат правилата. Градовите треба да се мобилизираат“, вели Адина Валеан, еврокомесар за транспорт.

Од Европската комисија потенцираат дека ќе работат за да се намали влијанието на новиот вирус врз БДП на економиите.

 

Дијана Ценевска