Нов бран мигранти

Системот за справување со евентуален бран мигранти функционира

02.03.2020 15:15

Ситуацијата се следи, зголемен е бројот на припадници на полицијата и на армијата на јужната граница. Има воспоставен систем за справување со евентуален бран мигранти- утврдил Управувачкиот комитет за справување со кризи. Според премиерот Спасовски нема очекувања за нов поголем бран. Европската унија со поддршка за Грција на која според властите ѝ се заканува сериозна криза...

Зголемен е бројот на припадници на полицијата и на армијата на јужната граница. Потврдени се оперативните планови за дополнителен ангажман во случај на натамошен раст на бројот на мигранти, информираат од Владата. Ваквата одлука доаѓа по состанокот на Управувачкиот комитет за координација со системот за управување со кризи со кој претседава министерката за одбрана, Шеќеринска.

Надлежните тврдат- земјава има воспоставен систем за справување со евентуален бран мигранти, сите институции ги активираа своите оперативни планови. Владата со соодветно внимание ја следи ситуацијата и е во постојана комуникација со партнерите од НАТО и ЕУ, информираат од прес- службата.

Премиерот вели дека нема промени на јужната граница и засега нема очекувања за нов мигрантски бран. Очекува Турција и Европската унија да го почитуваат договорот.

Првиот човек на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен со поддршка за Грција во справувањето со мигрантскиот бран. Грчките власти соопштија дека се соочуваат со сериозна закана додека илјадници емигранти се собираат на нејзините граници откако турција реши да ги пушти кон европа.

 

Наташа Гркова- Петрушевска