Пазар на труд

Доквалификација за постручен кадар

02.03.2020 15:36

Со пари од европските фондови ќе се дообучуваат и доквалификуваат работници, но нема гаранција дека со сертификатот кој ќе го добијат ќе останат да работат во земјава. Повик за подигнување на нивото на вештини на градежните работници во компаниите...

Јавниот повик за пријавување на работници заинтересирани за препознавање на знаења и вештини во градежништвото е продолжен до 13-ти март, соопштија од Стопанската комора на Македонија, која што го координира ЕУ проектот „Трение“ во земјава. Целта е да се оспособат најмалку по 60 работници од секоја од деветте професии што се опфатени со повикот кои на крајот треба да добијат соодветни сертификати признени од земјите на ЕУ.

„Целта е знаењата и вештините на овие работници да бидат валидирани и тие да се здобијат со сертификат.Со тоа овие кандидати ќе можат да ги вреднуваат знаењето и вештините на пазарот на трудот.Методологијата е надградена и проширена од нивото на квалификации 3 и 4 , а сега и за повисоки нивоа на квалификации, вклучувајќи ги и инженерите“, изјави проф. д-р Лихнида Стојановска- Георгиевска, ФЕИТ.

Со овој повик се опфатени 9 занимања: инсталатери на електрични инсталации, инсталатери за греење, ладење и вентилација , фасадери , кровопокривачи, столари , инсталатери на сончеви термални колектори, инженери за проектирање на системи за сончеви термални колектори, инсталатери за вакви системи и инженери за проектирање фотоволтаици.

„Овој проект има пионерска улога затоа што државата се уште докрај не ги дорегулирала овие односи, овие сертификати сигурно се еден чекор во таа насока“, изјави Ристо Јаневски- претседател на Здружение за енергетика.

„Без вакви сертификати на вработените компаниите не ќе можат да учествуваат на тендери за изведување енергетски проекти во земји членки на ЕУ“, вели Јадранка Аризанковска- Стопанска комора на Македонија.

Бизнис-зедницата е свесна дека дел од обучените кадри ќе заминат надвор од земјава, но дел ќе останат, а растот на платите ќе помогне тие да продолжат да работат дома. Анализата покажала дека преку проектот би требало да бидат опфатени околу 9600 градежни работници ,а одржливоста ќе се обезбеди преку Центарот за знаење. Сите пријавени кандидати, освен доставување на потребните документи, немаат никакви финансиски обврски, а сите трошоци ги покрива проектот.

 

Свето Николовски