Политика

Извештајот на Европската комисија- потврда на спроведените реформи

02.03.2020 15:52

Извештајот на Европската комисија е потврда на спроведените реформи и доказ дека ние ја завршивме домашната задача. Сега е време Брисел да го испорача ветеното, вели лидерот на СДСМ, Заев. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека секогаш се залагале за побрза интеграција на земјава во ЕУ. Обвинија дека директен виновник за недобивањето датум во октомври е Заев...

Нѐ израдува денот со позитивниот извештај на Европската комисија. Лидерот на Социјалдемократите, Зоран Заев коментира дека за него тоа е потврда за добро завршената домашна работа на граѓаните, парламентот и владата.

Заев вели- извештајот потврдува дека нашата порака за европски пат е сериозна. Според него, позитивниот извештај се должи на носењето на реформски закони, законот за обвинителство и зајакнатата борба со корупцијата. Сега останува, вели Заев, европските лидери да го исполнат своето ветување.

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие секогаш се залагале за побрза интеграција на земјава во Европската унија. Партискиот портпарол Арсовски нагласува дека во носењето на реформски закони учествувале и нивните пратеници, но не и во закони како оној за обвинителството со кој, вели Арсовски, Заев сака да ги амнестира криминалите околу него. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека директен виновник за недобивањето датум во октомври е Заев.

Европскиот совет кон крајот на март треба да одржи состанок, а во почетокот на мај, во Загреб треба да се одржи и самитот ЕУ- Западен Балкан.

 

Миле Ристески