ЕК: Остварен напредок- подготвени сте за преговори
Европската комисија со мини- извештај за Скопје и Тирана. Земјава има напредок и треба да добие датум за преговори, велат од Брисел. Се чека одлука на земјите-членки. Вицепремиерот Османи вели дека испорачавме сѐ што беше побарано, на 26-ти март очекува датум...

Март станува месец на одлука за Македонија којашто испорача уште еднаш, а Европската комисија повторно препорача датум за преговори со Унијата. Разликата е што сега одлуката е временски поодредена, почетокот за пристапните преговори да се утврди на Самитот на Европскиот совет во март. И за земјава и за Албанија, ставот на Брисел е ист.
„Во делот на Северна Македонија, направен е напредок кај независноста на судството како и во битката против корупцијата, во делот на реформите со разузанавањето и контраразузнувањето, но и кај реформите со јавната администрација. Сѐ на сѐ, остануваме на претходниот став да се отворат пристапните преговори со обете земји што е можно поскоро. Се надеваме дека Европскиот совет ќе даде зелено светло паралелно со ревидираната методологија од пред некоја недела“, изјави Ана Писоњеро Фернандез, портпарол на Европската комисија.
Постигнат е напредок во четирите области кои ги бараше Брисел. Реформи на судскиот систем, борба против организираниот криминал и корупцијата, кај безбедносните реформи, и кај јавната администрација. Со ревидираната методологија за поглавјата, вицепремиерот Османи се надева на датум уште на 26-ти март.
„Република Македонија има направено дополнителен напредок и тоа не само во донесување на законите туку и во имплементирање на законите и успешно функционирање на институциите. Со тоа се исполнети двата предуслови за на 26-ти март да се донесе одлука за започнување на преговори“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
Сите задачи кои беа до нас се завршени, а извештајот е европски печат на нашите напори. Сега надлежноста е кај европските членки, оценува националниот координатор Маричиќ.
„Нема никакви изговори, никакви причини зошто не би се донела одлуката што побрзо. Овој извештај е печат на нашите реформи, печат на успесите кои ги направивме, во тешки услови“, нагласи Бојан Маричиќ, национален координатор за интеграција во Европската унија, Берлински процес и регионална соработка.
Македонија и Албанија требаше да добијат датум за преговори лани во октомври, но тогаш на Европскиот самит на проширувањето се спротивставија Франција, Холандија и Данска.
Зоран Богатинов
