Белград

„Врба“ на Манчевски премиерно на ФЕСТ во главна конкуренција за награда

02.03.2020 16:45

„Врба“ на Милчо Манчевски вечерва премиерно пред белградската публика. Ќе учествува на 48. Меѓународен филмски фестивал каде што е во главна конкуренција за награда...

Најновото филмско остварување на македонскиот режисер Милчо Манчевски, филмот „Врба“, вечерва ќе биде премиерно прикажан на 48-иот меѓународен филмски фестивал ФЕСТ во Белград и тој е во главна конкуренција за една од престижните награди.

Режисерот Милчо Манчевски пред преполната прес сала на ФЕСТ во Комбак дворана, изјави дека многу му е драго што е на ФЕСТ, бидејќи тој е дел од нашето растење и нашата филмска едукација.

„Врба го потврдува она што одсекогаш сум го мислел, а тоа е дека човечките приказни се универзални, ако се убаво раскажани и дека луѓето се насекаде исти. Значи, она што не боли и не радува, секаде не боли и не радува. Специфичностра на еден простор, дали таа ќе биде визуелна или обичајна или политичка е интересна и убава, но уметничко дело не смее да се задржи само на неа, туку мора да зборува за подлабоки универзални теми“, изјави режисерот Милчо Манчевски.

На промоција на филмот во Белград дојде речиси целата актерска екипа, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Ненад Нацев и други.

„Ова е моја прва голема улога на големото платно, имав сериозна трема и незнаев какви реакции ќе има кај публиката, но тие се добри, тоа е еден од најгледаните филмови кај нас, добро котира на меѓународните фестивали и се надевам дека така и ќе продолжи“, вели актерката Сара Климоска.

Улогата на Родна во филмот Врба ја толкува Наталија Теодосиева, која изјави дека не очекувала вака добри реакции на филмот.

„Само што стигнавме во Белград, ме изненадија реакциите на луѓето, бидејќи премиерата на филмот е вечер, а тие веќе го гледале филмот и се воодушевани од него и од нас актерите, и јас тоа не го очекував“, вели актерката Наталија Теодосиева.

Филмот „Врба“, заедно со 20 други играни филмови од Европа и целиот свет е во рамките на главната програма на ФЕСТ и тој ќе се натпреварува за една од главните награди на овој реномирам меѓународен фестивал, на кој годинешни лауреати се познатиот холивудски актер Џон Малковиќ, заедно со режисерот Коста Гаврас и актерката Мира Бањац.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ