Раздвижено во тетовската економска зона

07.03.2014 17:31

Околу 6 милиони евра вложува домашна компанија која ќе ги извршува транспортните, логистичките и шпедитерските работи за странските инвеститори...

Домашна компанија ќе ги извршува транспортните, логистичките и шпедитерските работи за странските инвеститори кои ќе вложуваат во тетовската индустриска развојна зона

Се градат административниот објект, патната и подземната инфраструктура во тетовската технолошко индустриска развојна зона.

Околу 6 милиони евра вложува домашна компанија која ќе ги извршува транспортните, логистичките и шпедитерските работи за странските инвеститори.

„Ние инвестираме за да можеме на идните странски инвеститори да им дадеме коплетна логистичка поддршка, транспорт и шпедиција, ќе се гради и царински терминал, потоа услуги за складирање и слично. Се што е потребно за логистика на компаниите кои ќе бидат во зоната“, изјави Џемаил Даути – Директор на „Даути комерц“.

Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека овој проект ќе биде успешен со тесната соработка меѓу домашните компании и странските инвеститори.

„Странските компании не би дошле тука случајно, туку со наш ангажман, со сите можни контакти што ги имаме внатре и надвор од земјата“, смета Мендерес Кучи – Претседател на Стопанска комора на северозападна Македонија.

Од „Нормак инвестмент груп“, кои управуваат со зоната, се задоволни што во овој проект се вклучени домашните компании и стопански комори. Според нив, подготвителните работи требало да траат три години, но ќе бидат завршени за шест месеци.

„За нас е важно да имаме локални партнери во оваа фаза, но и долгорочно при реализацијата на проектот. Инвеститорот „Даути транспорт“ има искуство и стабилност. Тие се целосно посветени. Тоа ни помогна ние да бидеме многу понапред во извршувањето на обрвските кон македонската Влада отколку што планиравме“, изјави Томас Холм Кнутсен – „Innovation Norway“.

Потпишан бил договор со една италијанска фирма, а во завршна фаза биле договорите за уште неколку странски инвестиции. Се најавува дека првиот извоз од зоната ќе се реализира во последниот квартал од годинава.

 

Зоран Јовановски