Турција: 130.000 мигранти ја напуштиле земјата
Турските власти информираат дека повеќе од 130 илјади мигранти ја напуштиле земјата. Според Меѓународната организација за миграција реалната бројка е околу 15.000 лица. Грција го подигна нивото на заштита на границите до максимум. Ердоган ја обвини Европската унија дека не ги исполнила обврските од договорот со Турција за бегалците...
Повеќе од 130.000 мигранти ја напуштиле Турција преку градот Едрене, информираат турските власти. Од меѓународната организација за миграција тврдат дека реалната бројка е околу 15.000 лица.
Тензично е на островот Лезбос. Последен во низата инциденти е подметнатиот пожар во засолниште за мигранти, а дел од локалните жители и натаму ги блокираат улиците, не дозволувајќи им на хуманитарните работници да им помагаат на мигрантите.
Претставници на УНХЦР обезбедиле засолниште за новопристигнатите стотина мигранти на Лезбос кои два дена спиеја на плажа, но нивната локација не се открива.
„Кога живеевме во Турција нашата ситуација не беше добра. Во Турција нема светла иднина, па затоа мигриравме овде“, вели мигрант од Авганистан.
„Знаете дека состојбата во кампот Мориа не е добра, луѓето постојано се тепаат меѓу себе и не е обезбедена квалитетна храна и други работи“, изјави мигрант од Авганистан.
Грција од неделата го подигна нивото на заштита на границите до максимум и најави дека во рок од еден месец нема да се примаат нови барања за азил. Грчкиот премиер Мицотакис им порача на мигрантите да не се обидуваат илегално да влезат во Грција, бидејќи ќе бидат вратени.
Во видео материјал објавен од турските гранични служби, се гледа како нивните грчки колеги со водени топови и солзавец ги растеруваат мигрантите на преминот Пазаркуле. Тие сега се наоѓаат во турско- грчкиот меѓуграничен простор каде веќе се создава импровизиран камп.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја обвини Европската унија дека не ги исполнила своите обврски од договорот со Турција за мигрантите. Предупреди дека никој нема право да си игра со честа на Турција и дека наскоро бројот на мигрантите што ќе заминат од земјата кон Европа ќе се брои во милиони.
„Пред повеќе месеци посочив дека ако Европската унија не нѐ поддржи во однос на правично споделување на товарот, ќе мора да ги отвориме границите. Ние досега ги исполнивме нашите ветувања во рамките на договорот меѓу Европската унија и Турција. Во овој контекст, нашите очекувања за правичено оптоварување и поделба на одговорноста останаа неодговорени. Никој нема право да си игра со честа на Турција. Европската унија продлжува да практикува двојни стандарди“, рече Ердоган.
Ердоган нагласи дека мигрантите можат слободно да ја напуштат турција и да ја изберат својата дестинација. Проценките се дека во турција има близу 4 милиони мигранти.
Марија Котовска
