Спасовски и Филипче во посета на „Табановце“

Целосно се почитуваат насоките и препораките за справување со коронавирусот

03.03.2020 14:21

Координацијата оди одлично, припадниците на полицијата се справуваат со ситуацијата. Целосно се почитува алгоритмот- оцена на министерот Филипче и премиерот Спасовски кои го посетија граничниот премин „Табановце“. Нема нови лица кои се тестираат за коронавирусот...

Граничниот премин „Табановце“ е најфреквентното место каде влегуваат лица кои патуваат од Северна Италија. Досега, од кога е пријавен првиот случај на коронавирус во земјава, од Северна Италија поминале околу 250 патници со автобус и околу 70 со сопствен превоз.

Министерот за здравство Филипче уверува дека нема проблеми на граничниот премин и се почитуваат сите прописи. Вработените на граничниот премин и цариниците носат заштитни ракавици и заштитни маски. Ги прават редовните рутински контроли. Патниците се интервјуираат, одговараат на прашалник, а посебен акцент се става на оние патници кои што пристигнале од критичните региони.

„Доаѓам од Рим. На граница ме запознаа со процедурите за превенција. Јас им кажав дека не доаѓам од ризично место каде има коронавирус. Во другите региони има, но јас доаѓам од јужните краишта таму нема“, вели еден патник.

Нема нови пациенти кои јавиле симптоми на коронавирус и кои се тестираат. За веќе објавените резултати министерот Филипче рече дека истите се репротврдени во лабораторија во Германија која е супервизија на нашата лабораторија.

„Во текот на вчерашниот ден стигнаа контролните резултати од лабораторијата во Германија со која соработуваме, кои ги потврдија сите наши тестови, сите негативни и позитивниот на пациентката, што е обврска како супервизија на работата на нашата лабораторија во рамки на Институтот за јавно здравје. Воедно, набавката на дополнителна заштитна опрема е во тек. Во текот на вчерашниот ден, го потпишавме договорот за дезинфекциските средства и тие веќе од утре ќе бидат дистрибуирани со помош на локалната самоуправа во основните училишта, каде за тоа има потреба“, посочи министерот Филипче.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски апелира до граѓаните да се придржуваат до мерките. Изјави дека има и несовесни граѓани кои се враќаат од Северна Италија и се пријавуваат на работа. Во однос на зголемување на цените на заштитни маски и средства за дезинфекција, Спасовски најави дека владата најостро ќе реагира, затоа што во рамки на криза не може никој да профитира.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска