Мигрантска криза

Врвот на ЕУ во посета на грчко- турската граница

03.03.2020 15:06

Претседателите на трите најважни европски институции ја посетија грчко-турската граница. Заедно со хрватскиот и грчкиот премиер, со хеликоптер ја надлетаа копнената граница со Турција. Началникот на Генералштабот на грчката армија ги информираше за развојот на настаните...

Лидерите на Европската унија пристигнаа во Грција. Претседателите на Европскиот совет, на Комисијата и на Парламентот, заедно со хрватскиот и грчкиот премиер, со хеликоптер ја надлетаа копнената граница со Турција, додека началникот на Генералштабот на грчката армија ги информираше за развојот на настаните.

Турските власти тврдат дека повеќе од 130.000 мигранти ја напуштиле земјата преку градот Едрене. Грција соопшти дека нема да прима нови барања за азил. Најголемиот број од мигрантите не се враќаат во Турција, туку остануваат во меѓуграничниот простор каде се создава импровизиран камп. Состојбата на теренот почнува да ескалира. Грчките безбеднопсни служби со солзавец и шок бомби  ги одвраќа мигрантите од обидите да ја турнат заштитната ограда и да преминат во Грција.

„Единицата на спасувачи и волонтери од Црвениот крст е овде да им помогне на полциските службеници и на грчката армија која оперира во овој реон. Акк грчката армија смета дека треба да му помогнеме на некој бегалец или мигрант, ние ќе интервенираме. Во секој случај, потребна ни е дозвола од грчките власти“, изјави Апостолос Карабаглидис- Црвен крст.

Тензично е и на островот Лезбос. Последен во низата инциденти е подметнатиот пожар во засолниште за мигранти, а дел од локалните жители и натаму ги блокираат улиците, не дозволувајќи им на хуманитарните работници да им помагаат на мигрантите.

Во меѓувреме, претставници на УНХЦР обезбедиле засолниште за новопристигнатите стотина мигранти на Лезбос кои два дена спиеја на плажа, но нивната локација не се открива.

„Кога живеевме во Турција нашата ситуација не беше добра. Во Турција нема светла иднина, па затоа мигриравме овде“, вели мигрант од Авганистан.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја обвини Европската унија дека не ги исполнила своите обврски од договорот за мигрантите. Предупреди дека никој нема право да си игра со честа на Турција и дека наскоро бројот на мигрантите што ќе заминат од земјата кон Европа ќе се брои во милиони.

„Пред повеќе месеци посочив дека ако Европската унија не не поддржи во однос на правично споделување на товарот, ќе мора да ги отвориме границите. Ние досега ги исполнивме нашите ветувања во рамките на договорот меѓу Европската унија и Турција. Во овој контекст, нашите очекувања за правичено оптоварување и поделба на одговорноста останаа неодговорени. Никој нема право да си игра со честа на Турција. Европската унија продлжува да практикува двојни стандарди“, изјави Ердоган.

И бугарскиот премиер Борисов му се приклучи на Ердоган, обвинувајќи ја Европската унија за недоследност. Проценките се дека во Турција има близу четири милиони мигранти.

 

Марија Котовска