Проекти вредни 300 милиони евра за „А“ интегрирана дозвола за РЕК Битола
РЕК Битола по изборите ќе добие „А“ интегрирана еколошка дозвола. Според оперативниот план, до крајот на 2025-та треба да бидат реализирани проекти во вредност од околу 300 милини евра. Досега комбинатот завршил околу 40 проценти од обврските...
Оперативниот план на ЕСМ превидува до крајот на 2025-та во РЕК Битола да бидат реализирани проекти во вредност од речиси 300 милиони евра, а досега во термоцентралата и во рудниците за јаглен се завршени 20-тина проекти. Менаџментот очекува за најмногу два месеца РЕК Битола ќе добие „А“ интегрирана еколошка дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Околу 40% од оперативниот план е веќе реализиран. Постапката и начинот на отпепелување го спроведуваме согласно законските регулативи, инсталиран е систем за прскање на просторот за отпепелуавње во вредност од 25 милиони денари. Изработена е нова касета,односно ново одлагалиште за пепел во вредност од над 60 милиони денари ,завршени се сите еколошки проекти поврзани со производството во Термоелектраната со капиталните ремонти и ремонтите на котловските постројки“, изјави Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ.
Од РЕК велат дека нема официјални податоци со кој процент Термоцентралата учествува во вкупното загадување на градот Битола, но според некои истражувања се калкулира со 15 до 20%.
„Ние сме свесни за тоа и ќе вложиме 300 милиони евра за и овие 15 до 20% да ги сведеме на нула или близу до нула“, вели Златко Ќурчиевски, директор на РЕК Битола.
Се работи и на замена на учеството на електричната енергија произведена од јаглен со други одржливи извори на енергија, вели Ковачевски.Струјата од хидроцентралата „Чебрен“ ќе замени 1,5 блок на РЕК, фотоволтаиците што ќе се градат во Осломеј ќе заменат околу 120 мегавати струја произведена од јаглен.Ќе се инвестира и во 50 мегаватен ветерен парк во Миравци, а постојниот во Богданци ќе се заокружи на 50 мегавати. Хидрологијата не ни е наклонета оваа и во минатата година, вели Ковачевски и затоа термоцентралите лани произвеле 114% од планираната струја, додека хидроцентралите завршиле со исполнување на само 60% од планираното.
Свето Николовски
