Здравство

67 дечиња со срцеви мани се оперирани за една година

07.03.2014 17:46

Се почнува и со детска интервентна кардиологија...

Меѓународниот тим за детска кардиохирургија по петти пат е во Македонија. Врвниот ментор, детскиот кардиохирург Вилијам Новик со 7000 изведени операции во своето СиВи, овој пат им асистираше на нашите хирурзи. Од вкупно 67 интервенции за една година, сега беа направени 18. Освен тешките операции, за првпат тим од Клиниката за кардиологија успешно направи 4 интервентни зафати.

За една година 67 дечиња со тешки срцеви мани добија втора шанса за живот. Беа оперирани од меѓународниот тим детски кардиохирурзи заедно со нашите. При оваа петта посета беа оперирани досега најмногу дечиња-18. Две за кои немало спас ниту во други светски центри, не ја издржаа тешката битка.

„Беа во многу тешка и комплексна ситуација,едното дете беше со даунов синдром, другото со многу тешка срцева мана, кај коишто случаи процентот на смртност е многу висок“,  рече министерот  за здравство Никола Тодоров.

Сепак, довербата порасна. На листата за операции чекаат 42 дечиња.Проектот Детска кардиохирургија овој пат се прошири и со детска интервентна кардиологија. Таа ќе ја надополнува првата, ќе им ги коригираат крвните садови со миниинвазивен зафат. Меѓу првите 4 беше и бебе на само 7 недели.

„Едната беше дијагностичка катетеризација, а другите три беа балон дилатации (проширување на крвните садови)“, изјави д-р Игор Спировски-интервентен кардиолог-УК Кардиологија.

Креаторот и лидер на меѓународниот тим,големиот Бил Новик со 7000 операции во своето сиви, овој пат асистирал.

„За првпат откако престојуваме, интервенциите самостојно ги изведоа македонските хирурзи, и не ми помагаа тие, туку јас им помагав. Сметам дека вашиот тим навистина прави  позитивни чекори“, рече проф. д-р Вилијам Новик-детски кардиохирург од САД.

Во Македонија годишно се раѓаат 250 деца со срцеви мани.100 од нив имаат потреба од операции. До пред една година одеа во странство за што годишно се трошеа најмалку по половина милион евра. Лани кога почна владиниот проект Детска кардиохирургија, Фондот потрошил само една третина од тие пари. За три години, македонскиот тим целосно ќе биде оспособен за самостојни операции.

Соња Стојановска