„Супер вторник“: Враќање на Бајден, Сандерс изненади
По синоќешниот „Супер вторник“, поранешниот потпретседател Џо Бајден и сенаторот Берни Сандерс- главни демократски претенденти. Бајден успеа да го победи Сандерс во девет сојузни држави. Изненадувачкиот успех на екс- потпретседателот доаѓа откако двајца други демократски кандидати се откажаа од трката и го поддржаа Бајден. Сандерс на синоќешното гласање победи во Јута, Колорадо и Вермонт, а има предност и во Калифорнија, држава со најмногу делегати...

Поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден се врати во трката за кандидат на демократите по низа победи во голем број држави во т.н. „Супер вторник“. Победи во Вирџинија, Северна Каролина, Алабама, Оклахома, Тенеси, Минесота, Арканзас и Масачусетс.
„Луѓето зборуваат за револуција. Почнавме движење. Средната класа е згмечена. Премногу луѓе се повредени. Нашата кампања се заснова на разновидност и така и треба да биде“, изјави Бајден.
Добар резултат постигна и сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс кој победи во неколку големи и богати со делегати држави, Калифорнија и во сојузната држава Вермонт, која во Сенатот ги застапува Колорадо и Јута.
„Ќе го победиме Доналд Трамп бидејќи ова ќе се претвори во контраст на идеи. Еден од нас во оваа трка ја предводеше опозицијата во војна во Ирак. Гледате во него. Еден од нас го помина целиот живот борејќи се против кратењата во социјалното осигурување“, рече Сандерс.
Двајцата демократски, искусни политичари со различни визии за американската иднина се бореа за делегати во 14 сојузни држави и во една американска држава и потврдија дека се главните натпреварувачи во борбата против Доналд Трамп во ноември.
Уште двајца кандидати освоија гласови и делегатски места. Милијардерот од Њујорк, Мајкл Блумберг и сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен која во својата држава беше трета.
„Мојот совет е да гласате на начин што ќе направи да се гордеете. Гласајте за оној за кој мислите дека ќе биде најдобриот претседател на САД“, изјави Елизабет Ворен.
Блумберг најави дека ќе разгледа дали и натаму ќе остане во трката, откако победи само во американска Самоа.
„Мојата порака е едноставна. Се кандидирам за да го победам Доналд Трамп. Сакам да почнам со реизградба на нашата земја и со решавање на крупни прашања, како што е запирање на насилството со оружје и борбата против климатските промени“, рече поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг.
Следните примарни избори се на 10-ти март во Ајдахо, Мичиген, Мисисипи, Мисури, Северна Дакота и државата Вашингтон.
Марина Ристова
