По 4 мозочни удари дневно заради промена на времето
Промената на времето влијае врз здравјето и врз расположението на луѓето...

„Притисокот на моменти ми се симнува, па ми се качува, сите коски ме болат... Влијае времето, и ние сме како времето... Ми влијае на расположението, кога е вака облачно ми паѓа притисокот, но се трудиме да преживееме“, се коментарите на граѓаните за влијанието на времето врз здравјето и врз расположението на луѓето.
Лекарите уверуваат дека разликите во температурата, освен што влијаат врз здравјето на луѓето, влијаат и врз расположението.
„Луѓето често се жалат на депресивно однесување, немање волја за работа, стануваат конфликтни, нерасположени, патат од несоница, се јавува главоболка, варијации во крвниот притисок“, вели проф. д-р Анте Поповски, невропсихијатар.
Бројот на повиците во итната медицинска помош секојдневно варира. Од 100 до 120 интервенции дневно, со по 4 мозочни удари.
„Дали како нередовно земање на терапијата или пак како резултат на промените на времето, сепак времето влијае. Голем дел од нив се метеопати, затоа и доаѓа до влошување на состојбата во одреден период од денот и луѓето се јавуваат во итната медицинска помош“, изјави д-р Љупчо Пајковски од одделението за брза помош.
Температурните разлики најмногу ги чувствуваат хронично болните. Лекарите ги советуваат да бидат претпазливи.
Редовно земајте ја потребната терапија и доколку се почувствувате истоштено, побарајте помош, ги советуваат лекарите хронично болните што најмногу страдаат поради наглата промена на надворешната температура.
Андријана Атанасовскa
.
