Однапред ќе се знае секоја зграда на што ќе се загрева
Регулаторната комисија за енергетика со предлог до Министерството за транспорт и врски за измена на Законот за градење. Се бара точно да се наведе на што ќе се грее секој нов објект. Доколку инвеститорот има поефикасен систем за оваа намена од определениот, не е спорно тоа решение и да се реализира- велат од Регулаторна...
Однапред ќе се знае која зграда и во кој реон на што ќе се грее. Регулаторната комисија за енергетика доставила до ресорот за транспорт и врски предлог за измена на Законот за градење со што ќе се вгради одредбата задолжително со одобрението за градење да се наведе точно на што ќе се грее секој нов објект. Со тоа однапред точно ќе бидат мапирани реоните со кој енергенс ќе се загреваат становите, дали со парно, природен гас или пак, струја.
„Регулаторната комисија за енергетика предлага кога ќе се издава одобрение за градење точно да се знае секој објект на што ќе се грее.Во сите општини каде што има соодветна планска документација покрај проектот за самиот објект од сега натаму ќе има и проект за приклучок на системот на топлинска енергија и на системот за природен гас“, изјави Марко Бислимоски- претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Од Регулаторна велат доколку инвеститорот покаже дека има поефикасен систем за оваа намена од определениот, не е спорно тоа решение и да се реализира. Ќе се инсталираат и калориметри за реално мерење на потрошената топлинска енергија во становите.
„Во новиот Закон за енергетика е предвидено во сите новоизградени објекти да се постават калориметри за мерење на потрошената топлинска енергија“, вели Бислимоски.
Кај становите со хоризонтално поставена инсталација ќе биде потребен само еден калориметар, појаснува Бислимоски, а такви се околу 22 до 25 илјади станови. Проблем се вертикално изведените инсталации каде ќе бидат потребни повеќе калориметри ,што би се надминало со озоможување граѓаните трошокот да го отплаќаат на 12 до 24 рати. Коментирајќи ја потрошувачката на природен гас Регулаторна објави дека лани биле потрошени 296 милиони нормални кубни метри.
Притоа преку дистрибутивните мрежи во слободните економски зони таа била повисока за 6,5% ,во Струмица за 14,а во Куманово за 6%. Засега 37 до 38% од произведената електрична енергија во земјава е од обновливи извори, а веќе почнаа подготовките за преминување од користење на јаглен кон сончева енергија,вели Бислимовски, за тоа е потребен период за приспособување во кој се уште ќе се користат трите блока на РЕК-Битола.
Свето Николовски
