Во Србија распишани парламентарни, покраински и локални избори за 26-ти април
Во Србија распишани парламентарни, покраински и локални избори за 26-ти април. Претседателот Вучиќ порача- ова е важен чин, граѓаните ќе се определат во каква земја сакаат да живеат. Според најавите, во наредниот период ќе се одвиваат две кампањи- едната изборна, другата за бојкот...
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес ги распиша парламентарните избори во Република Србија за 26-ти април. Претходно, претседателката на српското собрание Маја Гојковиќ ги распиша локалните избори, а за истиот ден, на 26-ти април, покраински избори распиша и претседателот на Собранието на Војводина, Иштван Пастор.
„На сите им посакувам успех“, кажа Вучиќ за време на обраќањето во зградата на Претседателството, посакувајќи кампањата да се одвива во демократска атмосфера и во мир.
„Изборите се од пресудно значење за секој граѓанин. Затоа ги молам луѓето да земат учество на изборите, да покажат одговорност кон својата земја и на најдобар начин да го изберат патот за себе и својата фамилија, и обединети да тргнеме кон подобра иднина“, изјави Вучиќ.
Партиите на власт, Српската напредна странка на Вучиќ и Социјалистичката партија на Ивица Дачиќ, заедно со помалите коалициони партии,како и радикалите на Шешељ најавија учество на изборите со оделни изборни листи.
За разлика од нив, поголемиот дел од опозицијата, собрана околу коалицијата Сојуз за Србија, партиите на Драган Ѓилас, Вук Јеремиќ, Бошко Обрадовиќ и демократите на Зоран Лутовац, со партијата на Сергеј Трифуновиќ и на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ, прогласија бојкот на изборите, поради немање демократски и фер услови за нивно одржување.
Во Србија, како е најавено, во наредниот период ќе се одвиваат две кампањи- едната, изборна кампања и другата за бојкот на изборите.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
