Мигрантска криза

Совет на ЕУ усвои акциски план за бегалците

05.03.2020 13:04

Во Брисел едногласно прифатен акцискиот план за помош на Грција во справувањето на кризата со мигрантите. Столтенберг, пак, соопшти дека НАТО прави проценка како да ѝ помогне на Турција во северна Сирија каде што има судири со сириските сили...

Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ во Брисел едногласно ги прифати мерките од акцискиот план на Европската комисија што треба да се преземат за поддршка на Грција во справувањето со вонредната состојба на надворешните граници.

„Овие посети ни овозможуваат да испратиме јасна и едноставна порака: границата на Грција е граница на Европа, границата на Бугарија е граница на Европа, и границата на Кипар е граница на Европа. Испраќаме недвосмислена поддршка за сите три наши земји- членки кои се соочуваат со оваа вонредна состојба. Европската гранична и крајбрежна стража мобилизира средства од нашите земји- членки за да бидат распоредени во операциите за брза интервенција на копнената и на морската граница. Стотина гранични стражари покрај досегашните 530 гранични чувари ќе бидат распоредени од Фронтекс во Грција“, изјави Маргаритис Скинас, потпретседател на Европската комисија.

Неделава, претседателката на Комисијата Фон Дер Лејен и претседателите на Советот и на Парламентот, Мишел и Сасоли, заедно со премиерите на Хрватска, Грција и на Бугарија, Пленковиќ, Мицотакис и Борисов ја посетија границата меѓу Турција и Грција.

„Сега е најважно да се фокусираме на тоа оваа политичка криза да не се претвори во долгорочна хуманитарна криза. Европските надворешни граници не се отворени и не треба да бидат отворени, но се соочуваме со огромен притисок врз грчките граници“, рече Илва Јохансон, европски комесар за внатрешни работи.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата проценува како да и помогне на Турција, која во северна Сирија има судир со сириските сили, поддржани од Русија. Столтенберг нагласи дека НАТО постојано ја проценува ситуацијата и ѝ дава поддршка на Турција.

Анкара распоредува 1.000 полициски специјалци долж границата со Грција во обид да го спречи враќањето на мигрантите кон нејзината територија. Според министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу 164 мигранти биле повредени од страна на грчките власти.

Марина Ристова