Двајца странци се тестираат за Ковид-19, јавните собири да се откажат до 13-ти март
Двајца странци од Австралија и Сингапур, кои престојуваат во хотел во центарот на Скопје тестирани за Ковид-19. Епидемиолози им земаа брисеви во собите, кои тие неколку дена не ги напуштиле. Имале симптоми слични на настинка. Резултатите се чекаат, а полиција го обезбедува објектот. Поради коронавирусот, министерот за здравство Филипче предлага јавните собири да се откажат до 13-ти март...
Двајца туристи од Австралија и Сингапур што допатувале од Келн во Скопје, се проверуваат за коронавирус. Тие се во изолација во скопски хотел и таму ќе останат додека не се добијат резултатите од тестирањата.
Странците пријавиле симптоми слични на настинка. Пристигнале во Скопје на 28-ми февруари. Министерот Филипче информираше дека со нив разговараат епидемиолози, а пациентите се изолирани во нивните соби.
Во тек се преговори со мобилните оператори за воведување на уште една мерка. Сите странци кои влегуваат во земјава веднаш со СМС порака да бидат известени, што треба да прават во нашата земја како превенција од коронавирусот, информираше ресорниот министер.
Препораката да не се одржуваат поголеми јавни собири и спортските натпревари да бидат без публика, се продолжува за уште една недела, односно до 13-ти март. Според Филипче, мерката е резултат на фактот дека бројката на заразени со коронавирус во европа се зголемува, според последните податоци од Светската здравствена организација.
На стариот континент, новозаболени за илјада повеќе од вчера.
Ана Јосифоска- Тодоровска
