Здравство

Се намалува бројот на заболени од грип

05.03.2020 14:43

Се намалува бројот на заболени од сезонски грип, но епидемиолозите предупредуваат граѓаните да внимаваат. Минатите две недели пикот беше достигнат, а најранлива категорија беа учениците...

Сезонскиот грип стивнува. За првпат се намали бројот на заболени. Според податоците на Институтот за јавно здравје, за една недела околу 4.900 граѓани побарале лекарска помош. Но сепак, епидемиолозите предупредуваат сезоната на грип не е завршена.

„После две недели зголемена активност, која беше во она ниво на висока активност на вирусот на грип, сега се симнуваме во нормална или средна, умерена активност на вирусот на грип, а тоа укажува дека почнува да се намалува бројот, се намалува инциденцата, се намалува процентот на добиени позитивни резултати од вирусолошкиот надзор“, изјави  д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

И оваа недела учениците биле најранливи на грипот. Најмногу заболени беа забележани пред две недели, кога според епидемилозите беше достигнат пикот.

„Добиваме и помал број на материјали за тестирање и помал процент од материјалите е позитивен. Очекуваме овој тренд да продолжи. Крајот на сезоната е за десет недели, очекуваме постепено намалување на бројот на заболени“, изјави д-р Кузмановска.

Вирусот се забележува во речиси сите градови низ земјава. Од почетокот на сезоната од грип се разболеле повеќе од 27 илјади граѓани. Едно дете и двајца возрасни починаа поради компликации предизвикани од вирусот.

 

Андријана Атанасовска