Брисел

Ердоган на состанок со лидерите на ЕУ

09.03.2020 10:33

Брисел во неколку наврати ја повикуваше Анкара да го почитува договорот за мигрантите потпишан во 2016-та година и да не ги користи мигрантите како „инструмент на притисок за дополнителна поддршка“...

Турскиот претседател Ердоган во Брисел на средба со лидерите на ЕУ, претседателите на Европскиот совет и на Комисијата, Шарл Мишел и Урсула Фон Дер Лајен. Доаѓа по неколку вонредни состаноци на Унијата поради ескалацијата на ситуацијата на Турско- грчката граница.

Брисел во неколку наврати ја повикуваше Анкара да го почитува договорот за мигрантите потпишан во 2016-та година и да не ги користи мигрантите како „инструмент на притисок за дополнителна поддршка“. Европската страна наведува дека Унијата во целост се придржува до договорот од 2016-та година кој предвидува шест милијарди евра за хуманитарна помош на бегалците.

Еврокомесарот Хан смета дека отворањето на границите кон Европската унија е маневар на турскиот претседател за свртување на внимението од внатрешно- политичките проблеми. Рече дека Ердоган е соочен со долготрајниот конфликт со Курдите, што не успеал да го реши.

Во меѓувреме, Хрватска соопшти дека ќе прифати одреден број деца кои се без придружба од возрасни – родители, старатели или роднини – од бегалските кампови на грчките острови, а кои во последните денови се преплавени со нов бран мигранти.