Европа

Коронавирус: Италија со најмногу смртни случаи надвор од Кина

09.03.2020 12:52

Италија бележи најмногу смртни случаи од Ковид-19 од која било друга земја надвор од Кина, каде што е епидемијата. Коронавирусот досега уби повеќе од 3.500 луѓе, зарази повеќе од 100.000 низ светот. Италијанската влада воведе радикални мерки. Во карантин се околу 16 милиони луѓе во Ломбардија и 14 други провинции. За прекршителите на забраната, без добро оправдување им се заканува затвор до три месеци со казна до 200 евра...

Италија бележи најмногу смртни случаи од болеста Ковид-19 од која било друга земја надвор од Кина, каде што изби епидемијата од која досега починаа повеќе од 3.500 луѓе, а заразени се повеќе од 100.000 ширум светот. Владата воведе радикални мерки со кои се блокираат 16 милиони луѓе во Ломбардија и 14 други провинции. Ограничувањата ќе останат во сила до 3-ти април, а законот преку ноќ го потпиша премиерот Конте.

Според новите мерки, странските туристи кои моментално престојуваат во Ломбардија и уште 14 северни провинции погодени од вирусот треба да си заминат од таму.

Разочарани сме, но тотално разбираме зошто се затвораат“, вели турист од Америка.

Вкупниот број на позитивни случаи е зголемен за 1.326 лица, со што постигнавме вкупно 6.387 позитивни случаи, од кои 2.180 се во карантин дома, а 3.557 се хоспитализирани“, изјави Анџело Борели, шеф на италијанската граѓанска заштита и специјален комесар за коронавирус.

Откажани се спортски настани и протести, а забрането е одење во кина, театри или музеи и собири на јавни места.

Оние што ќе ја прекршат забраната за движење во Италија им се заканува затвор до три месеци и казна до 200 евра.

Албанија ги пријави првите случаи на коронавирус. Таткото и синот што се вратиле од Италија се во стабилна состојба и немаат компликации. Владата на вонредна седница реши да преземе одредени мерки, вклучително и прекинување на наставата во училиштата во наредните две недели, а запрени се и авиолетовите кон Северна Италија.

Следејќи го протоколот поставен од Светската здравствена организација воведовме мерки кои вклучуваат суспендирање на директните летови и поморските патувања со Италија. Ги затвораме образовните институции за да се спречи ширењето на вирусот“, изјави албанскиот премиер Еди Рама.

Во Австрија се заразени 112 луѓе. Канцеларот Курц најави натамошни мерки во борбата против ширењето на вирусот.

Поради коронавирусот во Словенија е затворен универзитетот во Приморска. Во Германија се потврдени 210 нови случаи, со што вкупнио број заразени надмина 1.100.  Во САД, републиканскиот сенатор Тед Круз е во карантин, откако се ракувал со човек позитивен на коронавирус.

Околу 80 странци, кои со недели беа во карантин во Пјонгјанг, ја напуштија Северна Кореја.

 

Марина Ристова