Евроинтеграции

Димитров- Аселборн: Клучен период за одлука и јасна перспектива

09.03.2020 12:59

Иднината на Македонија е во Европската унија и одлуката која ќе ја донесе Европскиот совет на 26-ти март ќе биде важна за насоката во која ќе се движи земјава, но и самата Унија, порача министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн. По средбата со шефот на дипломатијата Димитров, потенцира дека државава направи сѐ што беше побарано и сега останува Унијата да донесе правилна одлука...

Се наоѓате во Европа и со тоа е решен проблемот- заслужувате членство во Унијата. Ова е една од пораките што ја испрати од Скопје, шефот на дипломатијата на Луксембург, Жан Аселборн. По средбата со македонскиот колега, рече дека има позитивно чуство за одлука за почеток на преговорите.

Според него, нашата држава ги дала бараните резултати, изразени пред сѐ, преку Преспанскиот договор, Законот за јавно обвинителство и крајно време е, вели, и најскептични држави членки на Унијата да го препознаат тоа- смета Аселборн.

На состанокот се дискутирало за реформските резултати и за вонредениот извештај од Европската комисија, во кој е констатирано дека ЕК стои зад својата препорака за почеток на преговорите.

На крајот на март е Советот за општи работи во Брисел како претходница на Самитот на Европскиот совет. Македонија очекува да биде потврдено она што го препорача Европската комисија и земјава по неколку години чекање и две одлагања, да добие датум за почеток на преговорите за членство.

 

Марина Стојанова- Тонева