Директорката на Клиниката за кожни болести заразена со Ковид-19
Нов случај на Ковид-19 во земјава. Заразена е директорката на Клиниката за кожни болести. Пред една недела се вратила од Италија. Министерот Филипче разочаран поради непочитувањето на препораките за самоизолација. Најави најстроги казни. Состојбата на двајцата сопружници и 50- годишната пациентка е стабилна. За неа ќе има дополнителен тест за да се процени дали ќе биде пуштена дома...
Уште еден нов случај на заболен со коронавирус во земјава. Се работи за директорката на Клиниката за кожни болести којашто пред извесен период била во Италија, а потоа пет дена одела на работа.
Нејзината состојба е стабилна и има лесна клиничка слика. Од колективот на Клиниката за дерматологија информираат дека директорката имала непосреден контакт со пациенти, бремени докторки, а во саботата била присутна на секциски состанок каде што биле присутни стотина дерматолози.
Докторката немала ден за преглед во амбуланта, а ги навела сите други контакти во семејството и пријателите. За сите нив ќе се донесе соодветна одлука, дали ќе бидат во изолација и со надзор, појасни министерот за здарвство Филипче. Информираше дека во моментов екипи од Институтот за јавно здравје на Клиниката за кожни болести прават проценка на степенот на ризик за сите коишто биле во контакт со директорката, по што би можело да се донесе одлука целиот оддел да биде затворен.
Министерот додаде дека ќе има санкции за секој што со своето однесување ќе го загрози здравјето на луѓето. За двајцата заболени сопружници од Дебар кои се хоспитализирани, Филипче рече дека имаат лесна клиничка слика и состојбата им е добра.
За првата пациентка кај која беше дијагностициран Ковид- 19, ќе биде направен уште еден контролен тест по што ќе се знае дали ќе замине дома. Министерството за здравство утврдува дали имало туристички патувања за Италија за осми март, и ако имало, кои агенции се организатори и кога се очекува враќање на патниците во земјатаза да бидат пречекани и проверени на граница.
Ана Јосифоска- Тодоровска
