Кривичен суд

Воведни зборови на одбраната за „27-ми април“

09.03.2020 15:17

Во Кривичниот суд продолжи рочиштето за собраниските настани од 27-ми април. Во воведните зборови, одбраната на обвинетите Трајко Велјаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски и Владимир Атанасовски, тврдеше дека тие не се винови за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Обвинието го оценија како политички прогон...

Ниту Трајко Вељаноски, ниту Спиро Ристовски, ниту Миле Јанакиески не го сториле кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок за кое ги гони Обвинителството, рече во воведното обраќање нивниот адвокат Еленко Миланов. Тврди дека во текот на судскиот процес и ќе го докажел тоа. Посочува дека Јанакиески и Ристовски ниту давале насоки на лицата што биле организирани и координирани, ниту постоела комуникација на Вибер за такво нешто. Покрај доказите, како сведок за ова го посочи Александар Василевски- Нинџа, кој воедно е и на Обвинителството. Во однос на пораките кои ги примил и препратил Вељаноски, велат дека такви пораки имало и претходните денови, но немало инциденти туку само мирни протести.

Обвинителството ги наруши моите права и направи суштествени повреди, рече во воведните зборови поранешниот собраниски спикер Трајко Велјаноски. Вели, смешно и неиздржано е за непочитување на Деловникот да се бара кривична одговорност, за такво нешто постои само политичка.

На 27-ми април побарав прекин на седницата и нејзино закажување за наредниот ден. Сѐ што беше направено по 18 часот е спротивно на Деловникот и на законот, посочи Велјаноски. Воведниот говор го заврши со мисла од Гоце Делчев, „јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови, изроди“.

 

Наташа Гркова- Петрушевска