Седуммина заболени од Ковид-19, да се почитуваат заштитните мерки
Од осум тестирани вчера, кај тројца потврден коронавирус. Директорката на Клиниката за кожни болести заразена со Ковид-19. Пред една недела се вратила од Италија, но продолжила да оди на работа. Министерот Филипче разочаран поради непочитувањето на препораките. Клиниката затворена, персоналот дома...

Вкупниот број на заразени од Ковид-19 во земјава се искачи на седум, откако коронавирус е детектиран кај тројца членови на сопружниците од Дебарско, кои досега беа во изолација. Префрлени се на Клиниката за инфективни болести.
Клиниката за кожни болести е затворена, откако е откриено дека директорката е позитивна на вирусот. Таа пред една недела се вратила од Италија, но продолжила да оди на работа. Персоналот на клиниката 14 дена ќе биде во домашна изолација, а пациентите на домашно лекување. Директорката викендов имала излагање на стручно предавање, на кое присуствувале повеќе од 100 луѓе. И тие се во изолација.
Од ресторанот каде што се одржал состанокот велат дека немале други настани, објектот е дезинфициран, а вработените ќе останат дома.
Ќе се затвори и штипското кожно одделение, бидејќи и тамошните доктори биле на конференцијата. Министерот Филипче вели оти е максимално разорачан зошто во случајот на директорката не се почитувале препораките.
Директорката додека одела на работа немала ангажман во амбулантата, каде има најголема фрекфенција на пациенти. Тестирани беа уште пет пациенти, но тие биле нагативни на коронавирусот.
