Ковид-19

Прв ден од целосниот карантин поради коронавирусот во Италија

10.03.2020 10:17

Прв ден од целосниот карантин поради коронавирусот во Италија. Пријавени се над 9.000 заболени и 460 починати. И соседна Албанија ги пријави првите случаи на Ковид-19...

Прв ден од активирањето на апсолутниот карантин во Италија поради коронавирусот откако починаа над 460 луѓе, а повеќе од 9000 се заболени. Премиерот Џузепе Конте вчера соопшти дека целата земја станува црвена зона. Забранети се јавните собири, а граѓаните смеат да се движат само до работните места, или поради здравствени причини. Јавниот превоз и натаму ќе функционира, а образовните институции ќе бидат затворени до 3 април. Грција ги откажа сите летови од и кон северна Италија, а Албанија го прекинува авионскиот и поморскиот сообраќај до Апенинскиот Полуостров до април.

Најпаметно е да се седи дома. Нашата иднина, иднината на Италија е во наши раце. А нашите раце мора да бидат одговорни како никогаш досега. Секој мора да си ја заврши задачата.  За жал, немаме време. Бројките ни кажуваат дека постои значителен скок на бројот на заболени, хоспитализирани на интензивна нега, но и на смртните случаи“, изјави италијанскиот премиер, Џузепе Конте.

Превентивни мерки се преземаат и на другите континенти. Иран привремено ослободи 70 илјади затвореници поради епидемијата кој усмрти 43 во земјата. Во меѓувреме, крузерот „Коста фортуна“ кој беше вратен од Тајланд и Малезија поради присуството на шеесетина италијански патници, пристигна во Сингапур.

Светската здравствена организација соопшти дека повеќето заболени успеваат да закрепнат од вирусот. Оние со послаби симптоми оздравуваат за две недели, додека за посериозните случаи се потребни и до 6 седмици. Во континентална Кина досега заболеле над 80 илјади, а речиси 60 илјади успеале да се справат со заразата којашто се појави во Вухан. На глобално ниво досега починале 3.800 лица.

 

Маја С. Филдишев