Земјоделство

Акумулациите сѐ уште празни

10.03.2020 10:36

Последните врнежи беа корисни за земјоделството, но не помогнаа многу во полнењето на акумулациите кои се речиси празни. Иако дневните температурите се повисоки, опасност од утрински мразеви и измнрзнување кај овошките сѐ уште постои.

Промената на времето и врнежите од дожд и слаб снег на планините во изминатиот период беа добредојдени за земјоделството највеќе во централните и јужните делови во земјава каде што сушата беше особено изразена кај есенските посеви, а количествата на врнежите беа од 25-35 литри на квадратен метар.

Влажниот бран во текот викендот и пообилните врнежи дополнително ја подобрија состојбата со влага во почвата. „Жедната“ за вода земја целосно ги впи наврнатите количества и го зголеми процентот на влажноста.

Сепак од ова немаше голема корист и придонесе сосема малку за полнењето на акумулациите кои се речиси празни.

Минималните утрински температури на воздухот во наредниот период ќе се движат околу нула додека дневните од 15-18 степени што ќе помогне за почеток и будење на вегетацијата кај коскестите видови на овошки и цветањето особено кај раните сорти на кајсијата, бадемот и на слива.

Оваа година сите овие процеси се изведуваат многу порано, а услови за ниски минимални температури сеуште постојат, затоа што просечните датуми на последна појава на мраз во пролет се во третата декада од месец март.

Методија Трајков